Централната банка на Русија, која ја зголеми основната стапка на 18 отсто годишно од претходните 16 отсто, продолжува да ја оценува состојбата на руската економија како значително прегреана, а регулаторот смета дека заострувањето на монетарната политика е неопходно за да се избегне сценарио за стагфлација во иднина.
– Стапката на раст на БДП остана висока во првиот и вториот квартал, додека инфлацијата се забрза, изјави гувернерката на Централната банка Елвира Набиулина на прес-конференцијата по состанокот на Управниот одбор на Централната банка на Русија.
Набиулина рече дека резервите на работна сила и производствен капацитет се „практично исцрпени“.
„Недостигот на овие ресурси би можел да доведе до ситуација кога стапката на економски раст би се забавила и покрај сите обиди да се стимулира побарувачката, а целиот поттик би отишол во забрзување на инфлацијата. Во суштина, ова е сценарио за стагфлација и може само да се избегне по цена на длабока рецесија Денешното дополнително заострување на нашата политика треба да го спречи ова сценарио“, рече Набиулина, објаснувајќи ја одлуката за стапката на банката.
Инвестициите на компаниите за зголемување на продуктивноста на трудот ќе имаат ефект „само со текот на времето“. Покрај тоа, способноста на компаниите да се опремат е технички ограничена поради зголемените трошоци за опрема и други ресурси во услови на зголемена инфлација и санкции, рече Набиулина.
„Иако понудата на стоки и услуги треба да продолжи да се шири под овие услови, тоа нема да се случи толку брзо како што побарувачката моментално расте“, рече Набиулина.
Во петокот Централната банка на Русија ја зголеми основната стапка за 200 базични поени на 18 отсто годишно. Регулаторот, исто така, ја зголеми својата прогноза за растот на БДП на земјата на 3,5-4,0 проценти во 2024 година од 2,5-3,5 проценти во априлската прогноза.
ЦБР, исто така, ја намали прогнозата за раст на БДП на 0,5-1,5 отсто во 2025 година од 1,0-2,0 отсто и на 1,0-2,0 во 2026 година од 1,5-2,5 отсто. ЦБР очекува економски раст од 1,5-2,5 отсто во 2027 година.
ЦБР, исто така, ја зголеми својата прогноза за инфлација значително на 6,5-7 проценти во 2024 година од претходното очекување од 4,3-4,8 проценти.