ЦУК: Хеликоптерски транспортирано болно дете од Охрид до Истанбул

Центарот за управување со кризи (ЦУК) соопшти дека утрово е реализиран хеликоптерски транспорт на осумгодишно дете до болницата „Медицински парк“ во Истанбул, Турција, заради хируршки зафат (операција) на ‘рбетниот столб.

Транспортот е спроведен со хеликоптер на МВР кој поседува преносна медицинска опрема, а детето е веќе сместено во Медицинскиот центар во Истанбул и за кратко време хеликоптерот ќе се врати во базата во Скопје.

-На 13 мај 2024 година, преку Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, а потоа дополнително преку електронска пошта до Центарот за управување со кризи, било упатено барање од родителот на детето за транспорт од Охрид до болницата во Истанбул. Детето кое се транспортира со хеликоптер, имало проблем со моториката, не може самостојно да оди, не зборува и има голем степен на искривување на ‘рбетниот столб, повеќе од 80 отсто. Поради наведените здравствени проблеми, долготрајниот транспорт е можно дополнително да се одрази негативно врз здравствената состојба на детето. Ако се земе предвид дека оваа операција на ‘рбетот спаѓал во тешки и ризични операции, а постоперативното опоравување е долгорочно и многу тешко, особено во таква состојба, констатирано е дека друг вид транспорт со толкаво времетраење е многу ризичен и опасен по животот на девојчето, наведува ЦУК.

По упатеното барање во ЦУК, во координација помеѓу Министерството за внатрешни работи и Министерството за здравство на барањето е позитивно одговорено.

ЦУК информира и дека синоќа, околу 23.40 часот, во СВР Скопје било пријавено дека на бул.„Никола Карев“ во Скопје имало пукање. Во 23.45 часот, од Градската општа болница „Св.Наум Охридски“ било пријавено дека кај нив со повреди од огнено оружје бил донесен Т.А.(24) од Скопје. Во 23.51 часот, од Комплексот клиники „Мајка Тереза“ било пријавено дека кај нив со повреди од огнено оружје биле донесени О.Б.(19) и А.И.(29), двајцата од Скопје, каде што по укажаната помош, во 00.45 часот на 27.05.2024, А.И. починал. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителите и за расчистување на случајот.