Тренерот на Барселона, Чави Ернандез, изјави денеска оти сака да ги продолжи договорите со двајцата фудбалери на каталонскиот клуб, Серхио Роберто и Феран Торес.
Барселона синоќа го совлада Кадиз со 2-0 во 22. коло во Ла Лига и остана лидер на табелата со осум бодови пред бранителот на титулата Реал Мадрид на второто место.
„Во второто полувреме го спуштивме интензитетот и ритамот, што е нормално имајќи го предвид акумулираниот замор, но сеедно го добивме натпреварот со 2-0 и имаме осум бодови предност. Задоволен сум. Беа одлични. Роберто секогаш игра добро на различни позиции. Секогаш има добри оценки и никогаш не се жали. Тој е одличен фудбалер и бескрајно му верувам. Секако дека сакам да го продолжи договорот. Тој и Феран се на мета на критики, а секогаш го одработуваат своето“, изјави Чави.
Роберто (31) има договор со Барселона до крајот на сезоната во која досега одигра 20 натпревари за каталонскиот клуб. Торес (22) дојде во Барселона пред една година за сума од 55 милиони.