Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу по средбата со неговиот српски колега Ивица Дачиќ во Анкара изјави дека улогата на Туркије и Србија е многу важна во контекст на мирот и стабилноста, како и спречување на напнатоста во Босна и Херцеговина, пренесува ТРТ.
Чавушоглу одржа состанок со Дачиќ во зградата на Министерството за надворешни работи во Анкара, после што е одржана заедничка прес-конференција.
Говорејќи за последните случувања во врска со поплавите во регионот на Санџак, Чавушоглу изрази поддршка и солидарност со Србија, наведувајќи дека екипите и експертите од турски АФАД (Дирекција за управување со кризи и вонредни состојби) се веќе на терен и дека ќе пружат секоја поддршка.
„Го живееме периодот на најдобрите односи на Туркије и Србија, ова е златно доба на нашите односи“, констатираше Чавушоглу, напоменувајќи дека во наредниот период ќе работи на јакнење на односите Туркије и Србија.
Напомена дека во текот на последната посета на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на Србија се потпишани седум документи во различни области.
„Ќе работиме на зајакнување на нашата економска соработка. Обемот на трговската размена се приближи до 2,5 милијарди долари. Нашите лидери си поставија цел од пет милијарди долари. Мораме да поставиме нови цели“, рече Чавушоглу.
Тој додаде исто така дека и нивото на турските инвестиции во Србија е во константен пораст, на што во оваа пригода упати благодарност до Србија која, како што рече, во многу краток рок ги решава сите пречки на кои наидуваат турските инвеститори.
„Халкбанк отвора нови филијали во Србија и бројот на филијали на оваа банка ќе биде зголемен на 40“, рече Чавушоглу.
Тој нагласи дека Туркије и Србија сакаат да ја зајакнат соработката во областа на одбранбената индустрија и дека на тој план во тек се разговори.
Констатираше дека постојано се зголемува и бројот во меѓусебната размена на туристи и дека на тој план ќе бидат преземени нови чекори во авиосообраќајните линии.
„По Истанбул и Анкара, во февруари оваа година почнуваме со директни летови Измир-Белград“, најави Чавушоглу.
Кога станува збор за соработката во областа на културата, најави и дека Агенцијата за соработка и координација на Туркије (ТИКА) оваа година ќе почне со реставрација на белградската Бајракли џамија.
За проектот за автопатот Сараево-Белград, покренат на иницијатива на Туркије, Чавушоглу рече дека дел од проектот на подрачјето на Србија добро напредува, како и дека е потребно да се направи да биде така и на подрачјето на Босна и Херцеговина.
Една од темите на состанокот беше и борбата против тероризмот. Чавушоглу ѝ се заблагодари на Србија на поддршката која ја пружа во борбата против терористичката организација ФЕТО.
„Побаравме денес и поддршка околу испорачувањето на едно лице поврзано со терористичката организација ПКК“, рече Чавушоглу.
Разговарано е и за актуелната ситуација во Босна и Херцеговина.
„Мир и стабилност на Балканот се важни за сите нас. За да не расте напнатоста во Босна и Херцеговина, се формира и влада, за мир и стабилноста улогата која ќе ја имаат Туркије и Србија е многу важна. Во тој контекст, многу е корисен трилатералниот механизам Туркије – БиХ – Србија.
„Во наредниот период ќе продолжиме со напорите“, рече Чавушоглу.
Тој нагласи дека Туркије го поддржува дијалогот на Приштина и Белград.
„Туркије поддржува, силно поддржува, дијалог на Белград и Приштина и сакаме недоразбирањата да се решат со дијалог“, заклучи Чавушоглу.