Турција, Русија, Иран и сирискиот режим планираат да одржат четирилатерална средба на 10 мај во Москва, соопшти денес турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу.
Во телевизиско интервју, Чавушоглу ја истакна потребата од соработка во борбата против терористичките организации, нагласувајќи дека Анкара „нема фрлено око на сириските територии“.
Прашан за тоа дали Турција ќе вети дека ќе ги повлече своите трупи од северна Сирија на разговорите, Чавушоглу рече дека таквиот потег може да се имплементира како последен чекор откако Сирија ќе одржи целосна стабилност.
Во декември, министрите за одбрана и шефовите на разузнавањето на Турција, Русија и сирискиот режим се состанаа во Москва и се договорија да продолжат со трипартитните состаноци со цел обезбедување стабилност во Сирија и поширокиот регион.
Иран, исто така, беше вклучен во разговорите, при што Турција претходно изјави дека на Анкара ќе ѝ биде „мило доколку Иран биде вклучен во овој процес“.
Во врска со судирите во Судан, Чавушоглу истакна дека Турција досега има евакуирано најмалку 2.061 лице, од кои 1.763 турски државјани, од земјата поради неколкунеделните борби меѓу Армијата и паравоената група.
„Со воен авион ќе се евакуира и турскиот медицински персонал од Судан“, рече тој, додавајќи дека турската Амбасада од главниот град Картум привремено ќе биде преместена во Порт Судан, од каде што ќе се врши евакуацијата.
Запрашан за инаугурацијата на „Споменикот на Немезис“ во ерменскиот главен град Ереван, Чавушоглу истакна дека Туркије го затвора својот воздушен простор за летовите од Ерменија до други држави.
„Ако продолжат да инсистираат на споменикот, ќе бидат преземени дополнителни чекори“, нагласи Чавушоглу, пренесе ТРТ Балкан.
Споменикот им оддава почит на извршителите на атентатите врз османлиските и азербејџанските официјални претставници во раните 1920-ти години.