Тим од јапонски научници предводени од Шинја Нарусава – сосема сериозно – очекуваат дека денес ќе го добијат светиот грал на астрономијата и ќе докажат дека не сме сами во Универзумот!
Приказната која наликува на оние од работ на науката започна пред точно 40 години кога, како што пишува Daily Mail, двајца пијани јапонски астрономи, Масаки Моримото и Хисаши Хирабајаши, испратиле радио сигнал кон ѕвездата Алтаир, која е оддалечена 16,7 светлосни години од Земјата..
Користејќи го телескопот на американскиот Универзитет Стенфорд, јапонското дуо испратило порака која имала за цел да им покаже на сите вонземјани кои орбитираат околу ѕвездата Алтаир како изгледа животот на Земјата.
Денес, четириесет години подоцна, тим астрономи од Универзитетот Хјого се надеваат дека конечно ќе го добијат одговорот што го чекаа толку долго и ќе докажат дека навистина постои вонземски живот.
Тие поставиле џиновски радио телескоп за да може да добие одговор од која било од планетите кои орбитираат околу Алтаир. Денешниот ден се смета за најверојатен одговор од вонземска интелигенција, иако е целосно нејасно колку се реални очекувањата на јапонскиот тим.
Оригиналниот радио сигнал испратен од Масаки Моримото и Хисаши Хирабајаши на 15. август 1983 година содржел 13 цртежи „препакувани“ во радио сигнали. Цртежите ја прикажуваат еволуцијата на животот на Земјата – од едноклеточни организми, преку риби и влекачи, па сè до мајмуните и луѓето.
Со надеж дека ќе добие одговор, тимот предводен од Шинја Нарусава користи антена со дијаметар од 64 метри наречена – „Длабок вселенски центар Усуда“.
„Од 90-тите до денес се откриени голем број егзопланети (планети кои орбитираат околу други ѕвезди). Можеби постои планета која орбитира околу ѕвездата Алтаир чија атмосфера може да го поддржи потеклото на животот“, вели Шинја Нарусава.
Ѕвездата Алтаир се наоѓа во соѕвездието Орел и е една од најсветлите на ноќното небо.
Досега не се откриени планети во орбитата околу Алтаир, само прашање е дали овој факт им бил познат на Масаки Моримото и Хисаши Хирабајаши кога ја емитувале својата порака.
Според извештајот од 2008 година, тие дошле до идејата откако испиле премногу алкохол, а според нивните првични пресметки, одговорот на вонземјаните требало да биде испратен уште во 2015 година.