Нагелсман, Рубен Аморим, Зидан, Де Зерби и така натаму… Сите овие се потенцијални тренери на лондонски Челзи, англиски гигант кој оваа сезона мака мачи со резултати.
Сините го држат 11. место во Премиер лигата, а по ремито со Ливерпул (0:0) работите им се уште потешки. Промашуваат шутеви, голем проблем им е реализацијата, а честа појава се пропустите во одбраната. Поразот од Астон Вила на „Стемфорд Бриџ“ викендов (0:2) го чинеше отказот на тренерот Греам Потер, а неговата улога ја презеде Бруно Сајтор, неговиот поранешен прв помошник.
Јасно е дека Сајтор не е и не може да биде постојана опција, а многумина се прашуваа дали одборот предводен од Тод Боли ќе се одлучи за Френк Лампард. Легендата на Челзи беше виден на трибините на „Стемфорд Бриџ“ во вторникот вечерта и се шпекулираше дека тој би можел да го води клубот до крајот на сезоната.
Сепак, се чини дека тоа не е така. Затоа што шпанските медиуми објавија дека Луис Енрике утрово заминал за Лондон. Селекторот на шпанската фудбалска репрезентација до неодамна беше слободен на пазарот, а Шпанците истакнаа дека во средата наутро се упатил кон англиската престолнина со својот репрезентативец Иван Де Ла Пена.
Иако последниве денови често во јавноста се промовираа контактите меѓу Челзи и Јулијан Нагелсман, кој пред неколку дена доби отказ од Баерн Минехн, се чини дека Енрике го презеде водството кога е во прашање позицијата фаворит за новиот тренер на Челзи.
Сајтор сигурно ќе го води тимот против Вулверхемптон на гости викендов, но прашање е дали ќе биде на клупата за првиот четвртфинален натпревар од Лигата на шампионите во среда. Тогаш, да потсетиме, Челзи гостува кај Реал Мадрид на „Сантијаго Бернабеу“.