– Челникот на британската радиодифузна корпорација Би-би-си денес поднесе оставка по наводите дека го прекршил кодот на Владата за јавни назначувања.
Ричард Шарп е препорачан за работата есента 2020 година, бидејќи му помогнал – во „многу ограничена мера“ – на тогашниот премиер Борис Џонсон да обезбеди кредит, се вели во извештајот на адвокатот Адам Хепинстал.
Шарп беше под истрага поради неговото назначување на чело на британскиот сервис кога беше објавено дека помогнал за гаранција за кредит од 800.000 фунти за Џонсон, неколку недели пред да биде назначен на челното место на Би-би-си од страна на Џонсон.
Во извештајот, исто така, стои дека Шарп му соопштил на Џонсон дека сака да аплицира за функцијата претседател на Би-би-си во ноември 2020 година, но дека Шарп нема да биде независен од премиерот доколку биде назначен.
„Секогаш нагласував дека прекршувањето е ненамерно и не е материјално, што го потврдуваат фактите што тој ги изложи“, рече Шарп во телевизиската изјава по извештајот.
„Сепак, решив дека е правилно да се даде приоритет на интересите на Би-би-си. Чувствувам дека ова прашање може да го одвлече фокусот од добрата работа на корпорацијата, доколку останам на функцијата до крајот на мојот мандат.“
Генералниот директор на Би-би-си, Тим Дејви, му се заблагодари на Шарп за неговата работа за Би-би-си и за „движечката сила и интелектот“ што ги донесе: „Работата со него во изминатите две години беше плодоносна, Ричард даде значаен придонес во трансформацијата и успехот на Би-би-си.“