Со четворица полесно повредени пожарникари заврши интервенцијата за гаснење на огнот во објектот на патот од Тетово кон Попова Шапка, почнат утринава околу 6 часот. Пожарникарите интервенираа повеќе од четири часа само да се изгасне огнот, а останати се таму доколку има потреба за нова интервенција при изнесување на изгорениот материјал.
– Изгоре дел од објектот, каде што се прави мебел и се знае дека има дрвени материјали. Го спасивме од пожар горниот дел. Беше тешко да влеземе и заради топлината. Се интервенираше со десет возила. После четири часа огнот беше изгаснат, но имаме дежурни таму, се следи бидејќи има голема топлина и се вади изгорениот материјал, ако има потреба да се интервенира пак, информира командирот Авни Амети.
Четворица пожарникари имаат стекнато лесни повреди, а меѓу нив и самиот командир.
– Лесно се повредени, со рани на носот, ногата и поради вдишан чад, информираше Амети.
Територијалната противпожарна единица Тетово и понатаму интервенира и во Добарце каде од саботата гори депонија. Денеска интервенции на отворено имале и во Челопек и Теарце.