Четири земји најавија бојкот на СП во бокс поради руско и белоруско учество

Боксерите од Шведска и Канада нема да учествуваат на Светското боксерско првенство, приклучувајќи се со тоа на бојкотот предводен од САД и Република Ирска, поради дозволата за настап на руски и белоруски спортисти, како и нарушени односи со организаторот.

Светското првенство во машка и женска конкуренција го организира Меѓународната боксерка асоцијација (ИБА), чиј претседател е Русинот Умар Кремљев, додека руската енергетска компанија Газпром е најголем спонзор на Асоцијацијата.

ИБА претходно им дозволи на боксери од Русија и Белорусија да се натпреваруваат под своите национални обележја и химни, спротивно на насоките на Меѓународниот олимписки комитет (МОК) и забраната која е воведена по руската инвазија врз Украина во февруари лани.

Женското боксерско првенство ќе се одржи во Њу Делхи од 15 до 25 март, додека машкото е закажано за во мај во главниот град на Узбекистан, Ташкент.