Дневните одлуки за исхраната, вежбањето, спиењето и справувањето со стресот имаат клучно влијание врз тоа како старееме, според студија во која учествувале 53 експерти, вклучувајќи лекари, диететичари и фармацевти.
„Пораката на експертите е едноставна и јасна: Фокусирајте се на основите. Давањето приоритет на дневната физичка активност и здравата исхрана е најефикасниот начин да се обезбеди здраво стареење“, вели Шанли Чиен, виш уредник за здравство во „Ју-Ес њуз“.
Таа додаде дека „овие навики не мора да бидат драстични промени преку ноќ, туку тие се секојдневни практики што можат да имаат значително влијание врз нашата долговечност“, објавува „ Њујорк пост“.
Еве некои навики, според неа, можат да го забрзаат стареењето.
Седентарен начин на живот
Дури 57 проценти од експертите се согласиле дека неактивноста е најголемата грешка што го забрзува стареењето. Вежбањето ја зачувува должината на теломерите – заштитни капи на хромозомите – со што го забавува биолошкото стареење, додека седечкиот начин на живот е поврзан со воспаление и губење на мускулната маса.
„Кога станува збор за здраво стареење, експертите велат дека најголемата грешка што ја прават Американците е недостатокот на физичка активност“, рече Чиен.
Пушење
Пушењето, со 34 проценти од гласовите, го зазеде второто место на листата на најлоши навики. Докажано е дека оваа навика ги оштетува клетките и го ослабува имунитетот, зголемувајќи го ризикот од рак на белите дробови, срцеви заболувања, мозочен удар, дијабетес тип 2 и други хронични заболувања.
Нездрава исхрана
Третото место, со 30 проценти од гласовите, експертите го дадоа на лошата исхрана. Високо преработената храна како што се хот-договите, чипсот и газираните пијалоци се поврзани со дебелина, дијабетес тип 2, одредени видови рак, но и со депресија, анксиозност и ризик од прерана смрт.
Недостаток на сон
Недоволното спиење сериозно влијае на функцијата на мозокот, вклучувајќи ја поправката на клетките, складирањето на меморијата и отстранувањето на токсините. Експертите препорачуваат возрасните да спијат помеѓу седум и девет часа секоја ноќ.
„Иако недостатокот на вежбање е голема загриженост, нашето истражување покажа дека многу експерти, исто така, ги наведуваат лошата хигиена на спиењето, неконтролираниот хроничен стрес и недостатокот на значајни врски како значајни, но често занемарени стапици во здравото стареење“, забележа Чиен.