Чешка нема намера да испраќа воени инструктори во Украина и ќе продолжи да ги обучува украинските војници во своите бази, изјави министерката за одбрана Јана Чернохова.
- Минатата година 4.000 украински војници поминаа обука, а исто толку беа одобрени за оваа година. Дали тоа ќе биде максималниот број зависи од тоа како ќе се одвива регрутирањето во Украина, изјави Чернохова за новинската агенција ЧТК.
Чешката министерка за одбрана рече дека земјите како Франција кои планираат да испратат свои инструктори во Украина го прават тоа бидејќи е логистички бесмислено да се транспортираат илјадници украински војници таму и назад.
- Чешка не мора да го прави тоа. Словачко-украинската граница е оддалечена неколку стотици километри од нашиот полигон во Либава. Затоа можам да кажам дека Чешка ниту планира ниту подготвува да испрати инструктори, иако немам против француската иницијатива, рече Чернохова.