Името Кир Џонстон можеби не ви значи многу, но сигурно се сеќавате на „фустанот што го бутна интернетот“ – односно сино-црниот фустан за кој некои велеа дека е златно-бел.
Тој фустан и припаѓал на свекрвата на Кир Џонстон, а тој повторно се појавил во медиумите, но овој пат поради обвинението дека се обидел да ја убие сопругата, пишува весникот The Guardian.
Кир Џонстон (38 г.) од Шкотска еднаш дури се појави на шоуто на Елен Деџенерис, откако мајката на неговата сопруга облекла фустан на нивната венчавка што предизвика интернет дебата за тоа каква боја всушност е – сино-црна или златно-бела.
Се вели дека Кир Џонстон, кој се појавил пред судот во Глазгов во понеделникот, со години ја малтретирал својата сопруга, го контролирал секој аспект од нејзиниот живот и на крајот се обидел да ја убие. Но, тој ги негирал сите обвиненија.
Кир Џонстон, наводно, ја нападнал својата сопруга повеќе пати помеѓу април 2019 и март 2022 година во нивниот дом во Внатрешните Хебриди, Шкотска, и на крајот се обидел да ја задави. Во обвинението се наведува дека тој ја турнал сопругата до ѕид, и викал и ја гушел, а замавнал со нож и и се заканил дека ќе ја убие.
Медиумите објавија дека Кир Џонстон, исто така, наводно се обидел да влезе во возилото во кое била неговата сопруга и ја удрил низ отворениот прозорец на возилото. Дополнително, во обвинението стои дека тој ја изолирал сопругата од нејзините пријатели и ги следел сите нејзини движења и финансии.
Однесувањето на Кир Џонстон, наводно, кулминирало на 6. март 2022 година, кога ја соборил сопругата на земја и седнал на неа. Тој, наводно, постојано ги ставал рацете околу нејзиниот врат и ја стискал, ограничувајќи и го дишењето. Потоа, како што се тврди, и се заканил дека ќе ја убие и замавнал со нож кон неа, при што ја повредил и и го загрозил животот.
За потсетување, фустанот на свекрвата на Кир Џонстон го доби прекарот „фустанот што го бутна интернетот“, откако стана феномен на социјалните мрежи кога беше споделен на Tumblr од гостинката на свадбата Кејтлин МекНил, која побара помош за решавање на дилемата за бојата од интернет корисниците.
Во оваа онлајн „игра“ учествуваа и познати личности, меѓу кои и Ким Кардашијан, Џастин Бибер и Тејлор Свифт, кои кажаа каква е бојата на фустанот.