Човештвото не успеа да го ограничи глобалното затоплување на 1,5 степени Целзиусови и мора веднаш да го промени курсот, предупреди генералниот секретар на ОН.
Во интервју пред самитот за климата Коп30 следниот месец, Антонио Гутереш призна дека сега е „неизбежно“ човештвото да ја надмине целта во Парискиот договор за климата, со „катастрофални последици“ за светот.
Тој ги повика лидерите на собирот во бразилскиот град Белем, во дождовната шума, да разберат дека колку подолго го одложуваат намалувањето на емисиите, толку е поголем ризикот од преминување на „пресвртните точки“ во Амазон, Арктикот и океаните.
„Да го признаеме нашиот неуспех“, изјави тој за Гардијан и новинската организација „Сумаума“, со седиште во Амазон.
„Вистината е дека не успеавме да избегнеме вишок од 1,5°C во наредните години. А овој вишок од 1,5°C има катастрофални последици. Некои од овие катастрофални последици се пресвртни точки, без разлика дали се во Амазон, или во Гренланд, или во Западен Антарктик, или во коралните гребени.“
Според него, „апсолутно е неопходно да се промени курсот за да се осигури дека пречекорувањето е што е можно пократко и со што е можно помал интензитет за да се избегнат пресвртни точки како Амазон. Не сакаме да го гледаме Амазон како савана. Но, ова е реален ризик ако не го промениме курсот и ако не направиме драматично намалување на емисиите што е можно поскоро“.
Како што потсетуваат медиумите, последните десет години на планетата беа најжешките во запишаната историја.
И покрај растечката научна тревога за брзината на порастот на глобалната температура предизвикана од согорувањето на фосилните горива – нафта, јаглен и гас – генералниот секретар рече дека владините обврски не се исполнети.
Помалку од една третина од светските нации (62 од 197) ги поднесоа своите планови за климатска акција, познати како национално утврдени придонеси (НДЦ) според Парискиот договор. САД под водство на Доналд Трамп го напуштија процесот. Европа вети, но досега не успеа да ги исполни ветувањата. Кина, најголемиот емитер во светот, е обвинета за непочитување на обврските.
Гутереш рече дека недостатокот на амбиција во NDC значи дека целта од Париз од 1,5 Целзиусови степени ќе биде пропуштена, барем привремено.