Се повеќе граѓани во соседна Србија се жалат на иритирачка, постојана кашлица, која во некои случаи трае и до два месеци. Докторите и пулмолозите не се сигурни за што станува збор, ниту која е причината за кашлицата.
Од Градскиот институт за белодробни заболувања и туберкулоза, д-р. Весна Радуловиќ, пулмолог, за Nova.rs вели дека оваа кашлица не се спречува со антибиотици, различни сирупи или антихистаминици и дека нема лек, туку дека пациентите едноставно треба да чекаат за да помине кашлицата. Ако, сепак, трае подолго од 15 дена, тие дефинитивно треба да се јават кај својот доктор.
„Каква и да даваме терапија – не помага. Луѓето доаѓаат масовно со кашлица, без никакви други симптоми и не се алергични. Таа кашлица се обидуваме да ја смириме со антибиотици, антихистаминици, различни сирупи за кашлица, но не престанува, а кај некои пациенти трае од шест до осум недели“, вели д-р. Весна Радуловиќ.
Таа ги советува пациентите да одат на преглед, да направат снимки и ако сите наоди се добри нека почекаат да помине кашлицата сама по себе.
„Звучи неверојатно, но таа упорна кашлица обично поминува сама по себе, но само по повеќе од еден месец. Разбирливо е дека луѓето се исплашени. Меѓутоа, во повеќето случаи, кога правиме скен на белите дробови и комплетни прегледи, излегува дека се е во ред, дека сите наоди се чисти. Пациентите немаат температура, имаат апетит, нема слабост, повраќање, болки, нема други симптоми, нема кашлање“, вели докторката.
Таа исто така објаснува дека оваа кашлица нема никаква врска со вирусот Ковид-19.
„Пациентите се негативни на Ковид-19, а ова е секако нешто друго, бидејќи доколку имаат вирус ќе имаше други симптоми. Имаме и пациенти позитивни на Ковид-19, сите имаат поблаги симптоми, имавме само еден посериозно болен пациент“, објаснува д-р. Весна Радуловиќ.
Докторите велат дека оваа кашлица е резултат на оштетување на слузокожата, како и на загаден воздух.
„Никој не знае што вдишуваме. Кога луѓето ви велат можам да видам воздух, а не треба, тие мислат на издувните гасови и многуте штетни честички кои влегуваат во нашите дишни патишта и предизвикуваат кашлање. Овде имаме работа со некоја чудна форма на вирус, кој ја оштетува слузницата на респираторниот тракт, навлегува во клетките, ги изложува нервните завршетоци, кои потоа лесно се иритираат од присуството на чад, промената на влажноста во воздухот… Некогаш е потребно и до месец, месец и половина за да се обнови таа слузница и да престане кашлицата. Кога ги прашувам пациентите, кога почнале да кашлаат, велат дека се почнало со течење на носот, продолжило со кивање, па кашлање, што укажува на алергија, но тие не се алергични на ништо“, тврди пулмологот.
Таа ги советува граѓаните да одат на доктор доколку кашлицата трае повеќе од 15 или 20 дена.
„Доколку пациентот забележи гушење, свирење во градите, отежнато дишење, мора веднаш да се јави на доктор. Кај некои пациенти има и алергиски компоненти, некои имаат послаб имунитет, неодамна биле оперирани или заболеле од тешка форма на вирусот, па оваа постојана кашлица брзо и лесно влегува во нивниот организам“, вели д-р Весна Радуловиќ на крај.