Владата на Австралија во средата формално им се извини на жртвите од талидомид, лек кој предизвика деформитети кај илјадници деца ширум светот помеѓу 1950 и 1960 година.
Лекот без рецепт за утрински мачнини (болки) кај трудници и за несоница се претвори во најголемата трагедија предизвикана од производите на фармацевтската индустрија и стана позната како – „трагедија на талидомид“.
„Им должиме извинување на Австралијците, жртвите на талидомид, и денес Австралија конечно се извинува за едно од најтемните поглавја во својата историја“, им порача претседателот на Владата на Австралија, Ентони Албанес, на преживеаните во парламентот на 62-годишнината од повлекувањето на дрогата.
Околу 150 преживеани во Австралија редовно добиваат владина поддршка.
Талидомид откако беше најавен како „чудесен лек“, се препишувал од 1956 година како седатив за ублажување на мачнината кај трудниците.
Лекот на германската компанија Grünenthal го користеле околу пет милиони жени во околу 50 земји од 1957 до 1961 година, а користени биле вкупно повеќе од 300 милиони дневни дози талидомид во таблети од 100 милиграми.
Лекот имал застрашувачки ефект врз фетусот, а до моментот кога лекот бил повлечен од пазарот во 1961 година, помеѓу 10.000 и 20.000 бебиња биле родени со тешки деформитети, а најчесто се раѓале само со делови од рацете, нозете и стапала, без уши, со тешки нарушувања на внатрешните органи, искривени лица…
Неколку десетици илјади новороденчиња починаа поради различни метаболички нарушувања, а не се знае бројот на абортуси кои мајките го имат направено поради страв и паника.
Во Австралија, гинекологот Вилијам Мекбрајд бил првиот што го вклучил алармот во 1961 година, откако забележал заостанат развој и деформитети на фетусот кај жените кои го земале лекот.
Скандалот со талидомид се случи во многу земји, најмногу во Европа, но не и во САД. Френсис Келси, фармаколог кој работел во Администрацијата за храна и лекови на САД (ФДА), не одобрила фармацевтската компанија Richardson-Merrell да пласира талидомид на американскиот пазар.
Таа сметала дека податоците за безбедноста на талидомидот се недоволни и побарала дополнителни студии за неговата штетност. Френсис Келси ја спречи трагедијата со талидомид во САД со нејзината одговорна претпазливост и непопустливост наспроти барањата на фармацевтските компании.