Четири деца се пронајдени живи во јужна Колумбија, пет недели откако авионот со кој патуваа се урна во густа џунгла, објави колумбискиот претседател Густаво Петро.
Спасувачите со помош на кучиња трагачи пронајдоа остатоци од овошјето кое децата го јаделе за да преживеат.
Четири деца, на возраст од 13, 12, 9 години, како и 12-месечно бебе, беа спасени од армијата во близина на границата, меѓу провинциите Какета и Гуавиаре, во близина на местото каде што се урна авионот Цесна 206, објави Ројтерс.
Во авионот имало седум патници, кои патувале од Аракуара, во државата Амазонас, до Сан Хозе дел Гуавиаре, кога испратиле повик за помош на 1 мај.
Во несреќата загинаа тројца возрасни, меѓу кои пилотот и мајката на децата, Магдалена Мукутуј, а нивните тела беа пронајдени во остатоците од авионот. Децата го преживеале падот. Нивното семејство е од локалната автохтона заедница.
Нарсисо Мукутуј, дедо на три девојчиња и едно момче, им изјави на новинарите дека е среќен кога дознал дека неговите внуци се спасени.
Фотографиите објавени од колумбиската војска покажуваат група војници со четири деца среде џунгла.
„Ова е радост за целата земја. Живи се четирите деца кои беа изгубени во џунглата во Колумбија“, напиша претседателот Петро на Твитер. Тој првично на 17 мај твитна дека децата се пронајдени, но го избриша твитот и рече дека информацијата не е потврдена.
„Децата беа цело време заедно, слаби се, да ги оставиме лекарите да ги прегледаат. Најдени се, многу сум среќен поради тоа“, изјави Петро на новинарите.
Спасувачите со помош на кучиња трагачи пронајдоа остатоци од овошје што децата ги јаделе за да преживеат, како и импровизиран засолниште, направен од шумска вегетација. Во спасувачката операција учествуваа авиони и хеликоптери на колумбиската армија.