Шакира казнета со 7,3 милиони евра

Глобалната суперѕвезда Шакира денеска, 20 ноември, пристигна во судот во Барселона, за да присуствува на првиот ден од нејзиното судење за наводна измама на шпанската држава од 14,5 милиони евра приход заработен во периодот од 2012 до 2014 година.

Пејачката има нето богатство од околу 240 милиони фунти и ќе биде казнета со 6,4 милиони фунти, што е 7,3 милиони евра , за шест даночни измами.

Денеска беше објавен договор со кој пејачката ја призна вината, но ќе треба да плати и 432.000 евра за да ги избегне трите години затвор на кои инсистираат обвинителите.

Освен тоа, Шакира го врати и данокот за кој шпанските власти ја обвинија дека го затајува, а кој со камата достигна речиси 17 милиони евра.

Шакира подоцна даде изјава, во која изјави дека не е виновна, но дека повеќе не сака да го поминува времето на суд и дека не сака нејзините деца да ја гледаат во таква состојба.

– Многу им се восхитувам на оние кои до крај се бореа со оваа неправда, но за мене денеска победата е враќање на времето за моите деца и мојата кариера – рече таа.

Во својата изјава, Шакира, исто така, ги критикуваше шпанските власти за обвинителството, велејќи дека нејзиниот случај е сличен на другите случаи каде властите тргнуваат по спортисти и други поединци од висок профил. Ваквите случаи, вели таа, со години им ја трошат енергијата, времето и мирот на луѓето, пишува DailyMail.