– Украина не треба да биде приоритет за ЕУ, изјави шефот на австриската дипломатија Александар Шаленберг, кој смета дека „би било катастрофално доколку Украина и Молдавија минат низ брзата лента, а земјите од Западен Балкан останат на страна.
-Украина ќе влезе во ЕУ веднаш штом ќе се исполнат условите. Не треба да има двостепено општество. Во Солун пред 20 години им ветивме на земјите од Југоисточна Европа дека ќе ни се придружат, кажа Шаленберг во интервју за „Велт“.
Според него, Западот треба да продолжи да преговара со Русија, како што тоа го прави американската Влада, бидејќи таа е најголемиот географски сосед на ЕУ и најголемата нуклеарна сила на планетата.
-Австриските власти одржуваат неформален канал на комуникација со Русија и се посветени на продолжување на дијалогот со Москва и покрај тековниот украински конфликт, посочи тој.
Според него, за натамошни преговори со Руската Федерација потребно е да се искористат меѓународните форуми, како што се Организацијата за европска безбедност и соработка и Обединетите нации и да се види „глобалната одговорност“ на западните земји.
Шаленберг на крајот од интервјуто за „Велт“ додава дека нема намера да одбие да се ракува при евентуална средба со неговиот руски колега Сергеј Лавров, бидејќи тоа го бараат нормите на дипломатскиот бонтон.
-Би било многу тешко за мене. Но, не можам да ги изберам моите соговорници. Во тој поглед, веројатно би ги почитувал минималните барања на дипломатскиот бонтон и можеби накратко би се ракувал со министерот Лавров. Но, не повеќе од тоа, заклучи австрискиот министер за надворешни работи.
Украина во февруари минатата година поднесе барање за влез во Европската унија, а во јуни доби кандидатски статус. Киев очекува дека влезот ќе се случи многу брзо, но европските политичари постојано изјавија дека постапката нема да се забрза и дека Киев мора да исполни многу услови, вклучително и интензивирање на борбата против корупцијата.