Шаќири: континуирано се зголемува поддршката за образование на младите Роми
Министерството за образование и наука се заложува за одржливост на политиките насочени кои промоција, развој и поддршка на образованието на ромските ученици и студенти, бидејќи тие се важен дел од нашата општествена заедница и се потврдува дека со правилен пристап и форми на поддршка, тие многу добро умеат да возвратат – реализирајќи ги личните цели и аспирации, да дадат придонес кон севкупниот општествено – економски напредок на државата. Ова го истакна министерот за образование и наука Јетон Шаќири на денешниот настан посветен на Меѓународниот ден на Ромите, 8-ми април, во организација на Претседателот на државата, Стево Пендаровски.
„Преку разни форми на поддршка – медијаторска, проектна и финансиска, континуирано ја подобруваме вклученоста на децата од ромската заедница во училиштата и го намалуваме напуштањето на воспитно-образовниот процес. Направивме низа законски измени и усвоивме неколку акти со кои се подобрува квалитетот на образованието на ромските ученици и студенти, кои се иницирани од претходната и новата Национална стратегија за Роми“, рече Шаќири.
Министерот посочи дека согласно новата Концепција за основно образование, ромската заедница го изучува својот мајчин јазик преку изборниот предмет „Јазик и култура на Ромите“, од трето до деветто одделение. Истиот е застапен во 6 општини, а наставата моментално ја следат над 2.500 ромски ученици.
„Веќе 5та година по ред во основното образование, ангажираме ромски образовни медијатори, кои, во непосредна комуникација со ромските семејства и особено со младите од тие семејства, успеваат да одржат висока стапка на премин во погорни одделенија на образование и премин кон средните училишта. Од оваа година, предвидено е медијатори да има и во средните училишта и тоа се уредува во новиот Закон за средно образование кој е во подготовка“, додаде Шаќири.
Во 2023 година, Министерството за прв пат обезбедува средства за ангажирање на педагошки помошници за ученици Роми во основно образование, кои ќе помогнат за полесно совладување на наставната материја по која ромските ученици покажуваат послаби резултати. А за прв пат годинава се обезбедува и буџет за поддршка на повозрасните Роми кои го немаат комплетирано своето основно или средно образование, за да се стекнат со соодветни квалификации, заради успешен настап на пазарот на трудот.
„Особено треба да се потенцира дека фондот за финансиска поддршка на образованието на учениците и студентите Роми, постојано се зголемува. Практично за 10тина години имаме речиси 10кратно зголемување на средствата наменети за поддршка на ромските средношколци и студенти. Од околу 4 милиони денари зголемувањето е на 30 милиони денари“, рече Шаќири, изразувајќи благодарност и на невладините и граѓанските организации и партнери кои доделуваат стипендии и за Ромите основци и за средношколците, но го стимулираат и нивното високо образование преку доделување на месечни парични надоместоци.
Честитајќи го празникот, министерот посочи дека Северна Македонија гради инклузивен образовен систем, со еднаков третман и опфат на сите граѓани и дека тоа ќе биде фокус и во следниот период.