Повеќе од 90 отсто од учебниците се доставени за прво, второ, четврто и петто – одделенијата во кои децата учат според нови наставни програми согласно со Концепцијата за основно образование .
Повеќе од 90 отсто од учебниците се доставени за прво, второ, четврто и петто – одделенијата во кои децата учат според нови наставни програми согласно со Концепцијата за основно образование од 2020 година, рече денеска министерот Јетон Шаќири и соопшти дека деновиве се доставуваат и последните учебници што недостигаа.
Идната година со нови наставни програми, согласно Концепцијата, ќе бидат опфатени трето и шесто одделение, а Шаќири уверува дека сите учебници ќе бидат доставени на 1 септември односно ќе бидат запазени роковите. На почетокот на учебната 2022/2023, поради доцнење на учебниците, учениците во овие одделенија добија материјали за учење за првото тримесечје.
Одговарајќи на новинарски прашања по потпишување меморандум за соработка со ОБСЕ, Шаќири информираше дека за прво одделение се доставени учебници по сите предмети и за сите наставни јазици, освен за предметот Општество кој изминатата недела е одобрен во Националната комисија за учебници.
-Не беше одобрен поради некои законски постапки, забелешки на рецензентска комисија и други комисии вклучени во постапката за одобрување еден учебник. За да продолжи на печатење треба да помине низ процес на жалби во рок од 15 дена од другите автори ако не се задоволни со одлуката за избор на учебникот, рече Шаќири.
Во второ одделение дистрибуирани се сите учебници, освен за предметите Математика и Општество кои, рече, денеска и утре се доставуваат во сите училишта. За четврто одделение, како што рече, сите учебници се доставени, а за петто освен за Македонски јазик. За овој предмет, појасни министерот, на двата огласа од Националната комисија за учебници и Педагошката служба не бил пријавен ниту еден автор и е формирана група на автори.
За идната учебна година, согласно Концепцијата, нови наставни програми треба да има и за трето и шесто одделение и, согласно нив, да се подготват и нови учебници.
– За трето одделение повикот за автори е објавен во ноември. Се уште не е пуштен повикот за шесто одделение затоа што ги очекуваме наставните програми. Кога ќе ги достави Бирото за развој на образованието, веднаш ќе биде објавен и повикот за автори за учебници. Со завршување на трето и шесто по новата Концепција, мислам дека ќе ги имаме сите учебници во септември зашто немаме оправдување за временските рокови кои се законски, додаде Шаќири.
Во однос на корекциите во учебниците што се во употреба, за што МОН отвори е-адреса за реакции од јавноста и пријавување грешки, одговори дека примени се забелешки за два учебника – за кратенката ДУИ во учебникот по предметот Албански јазик за петто одделение.
Донесена е, рече, одлука за корекција од Педагошка служба и е направена исправка во електронската форма на учебникот, а дека ќе се најде начин да се достави дополнителен материјал за корекција на учебниците во печатена форма кои се кај учениците.
За учебникот по предметот Историја и општество за петто одделение, пак, во кој беа увидени неточни податоци, појасни дека забелешките кои стигнале до МОН се доставени до авторите, објавиле повик за рецензенти на кој не се пријавил никој.
– Кога авторите ќе ги прифатат или одбијат забелешките, рецензентите треба да проценат и да го видат подобро материјалот. Ако и на вториот оглас за рецензенти ќе нема пријави, ќе побарам од Педагошката служба да ја извести Националната комисија за состојбата со тој учебник и потоа таа ќе донесе одлука според законот – што кога нема пријавено рецензенти: дали учебникот може да се повлече и кои се другите законски обврски, рече Шаќири.
На новинарско прашање дали во преговорите за влез на Алијанса за Албанците во Владата се разговара и за ресорот образование, Шаќири одговори дека тој не е во тимот што преговара.
-Јас не сум во екипите што преговараат. Медиумите, како и секогаш, навремено ќе бидат известени за секоја информација, без разлика каква ќе биде, рече Шаќири