Шенген слави 40 години, но со привремени граници и трајни сомнежи

Европската унија ја одбележува 40-годишнината од потпишувањето на Шенгенскиот договор – историски момент што го отвори патот за создавање зона на слободно движење без пасошки контроли меѓу земјите-членки. Но, наместо во духот на единство, годишнината доаѓа во време на растечки предизвици и сомнежи во одржливоста на самата Шенгенска зона.

Иако последниве години зоната се прошири со вклучување на Хрватска, Бугарија и Романија, контроли повторно се воведуваат на повеќе внатрешни граници – меѓу Хрватска и Словенија, Словенија и Австрија, како и Австрија и Германија. Таквите мерки, воведени поради безбедносни закани, миграции или големи настани, сè почесто стануваат долготрајна пракса, иако правилата на ЕУ предвидуваат само привремени ограничувања.

Европската комисија веќе не изразува отворена критика, иако претходно потсетуваше дека ваквите мерки треба да бидат краткорочни и исклучителни. Терористичките напади, бегалските бранови и зголемените безбедносни ризици во последната деценија го засилија евроскептицизмот и повиците за затворање на границите.

И покрај сè, Шенген останува еден од највидливите и најзначајни симболи на европското обединување, особено за милиони граѓани кои секојдневно патуваат преку границите без застој. Но дали ќе преживее уште 40 години во сегашна форма, останува отворено прашање.