– Најмалку 16 лица се повредени во текот на ноќта кога остатоци од руски беспилотни летала паднале во западниот украински регион Хмелницки, објавија локалните власти денес.
Украинскиот министер за внатрешни работи, Ихор Клименко, изјави дека 11 станбени згради, девет комерцијални објекти, две образовни институции, продавница и автомобил биле оштетени при паѓањето на остатоците од руските беспилотни летала.
Клименко рече дека се повредени 16 лица што побарале лекарска помош, а оштетени се и зградите на противпожарната и полициската управа во Славута и Нетишин.
Претходно украинското воено воздухопловство соопшти дека собориле 11 руски беспилотни летала, додавајќи дека системите за противвоздушна одбрана се особено активни во регионите Хмелницки, Черкаси, Керсон, Полтава, Житомир и Николаев.
Руските власти не се огласија по повод овие тврдења.
Во војната меѓу Русија и Украина, која започна во февруари 2022 година, според Обединетите нации, загинаа повеќе од 9.800 цивили, а повеќе од 17.900 се ранети.