Најмалку шест лица загинаа во силниот дожд што го погоди аргентинскиот пристанишен град Баија Бланка, југозападно од главниот град Буенос Аирес, објавија денеска локалните медиуми и официјални лица.
Поради невремето, домовите и здравствените центри итно беа евакуирани, а сликите на социјалните мрежи покажаа мајки на новороденчиња како бегаат од поплавената болница со своите бебиња, објави Ројтерс.
Метеоролозите предупредија дека временската прогноза не ветува и дека доцна вечерва се очекува ново невреме.
Властите потврдија дека една жена загинала на автопатот и не исклучуваат нови смртни случаи.
Локалните медиуми објавија дека уште пет лица загинале бидејќи обилните дождови однеле автомобили од улиците, урнале дрвја и оставиле стотици луѓе без струја.
„Голем дел од градот е под вода по седум часа континуиран пороен дожд, што без сомнение значи дека се соочуваме со природна катастрофа“, соопштија од кабинетот на градоначалникот на Баја Бланка, каде живеат 300.000 жители.
Официјални лица го затворија локалниот аеродром, а некои патишта во градот претрпеа голема штета.