Карфиолот е исклучително здрав зеленчук, бидејќи содржи многу хранливи материи и соединенија, кои можат да го намалат ризикот од неколку болести, вклучувајќи срцеви заболувања и рак.
Покрај тоа, пожелно е кога сакате да изгубите килограми, а се издвојува фактот што лесно можете да го комбинирате со друга храна и јадења. Постојат дури шест причини зошто треба да го вклучите карфиолот во вашата секојдневна исхрана.
Содржи многу хранливи материи
Карфиолот е хранливо богат, бидејќи содржи малку калории и многу витамини и минерали. Приближно 100 грама свеж карфиол содржи околу 27 калории, 58 отсто од дневната вредност на витамин Ц, 14 отсто од дневната вредност на витамин К, 12 отсто од дневната вредност на витамин Б6 и 15 отсто од дневната вредност на фолати. Покрај тоа, содржи калиум, манган, холин, магнезиум и фосфор.
Висока содржина на влакна
Карфиолот е богат со влакна, кои се корисни за целокупното здравје, а 100 грама свеж карфиол содржи два грама влакна, што е околу 7 отсто од вашите дневни потреби. Забележано е дека влакната се важни бидејќи ги хранат здравите бактерии во цревата и на тој начин помагаат да се намали воспалението во телото.
Добар извор на антиоксиданси
Оваа храна е одличен извор на антиоксиданси кои ги штитат вашите клетки од штетните слободни радикали и воспаленија. Особено е богат со глукозинолати и изотиоцијанати, групи на антиоксиданси за кои е докажано дека го забавуваат растот на клетките на ракот. Исто така, содржи каротеноиди и флавоноидни антиоксиданси, кои имаат антиканцерогени ефекти и може да го намалат ризикот од неколку други болести, вклучително и срцеви заболувања.
Може да помогне при губење на тежината
Интересно е што карфиолот често се споменува во исхраната, која вклучува и слабеење. Тоа е затоа што има околу 27 калории на 100 грама, па може да се јаде во поголеми количини. Покрај тоа, често можете да го замените со друга висококалорична храна како ориз и брашно.
Висока содржина на холин
Холинот е суштинска хранлива материја која многу луѓе не ја консумираат доволно. Така, 100 грама карфиол содржи 44 милиграми холин, што е 10 отсто од соодветниот внес за жени и осум отсто за мажи. Холин има неколку важни функции. Ги одржува клеточните мембрани и го поддржува метаболизмот. Исто така, тој е вклучен во развојот на мозокот и производството на невротрансмитери, кои се неопходни за здрав нервен систем.
Лесно се додава во вашата исхрана
Не само што е здрав, карфиолот многу лесно се додава во вашата секојдневна исхрана. Може да се конзумира свеж, па дури и листовите се јадат. Со неутрален вкус, често можете да го комбинирате со разни други јадења како салати, супи, чорби и печени јадења.