Шефовите на дипломатиите на Австрија, Чешка и Словачка во посета на Северна Македонија

– Министрите за надворешни работи на Австрија, Чешка и Словачка, Александер Шаленберг, Јан Липавски и Мирослав Влаховски, остварија посета на Северна Македонија.

Тројцата министри беа пречекани од министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи.

Министрите на овие земји беа придружувани од евроамбасадорот во Скопје, Дејвид Гир.

По средбите министрите одржаа заедничка прес-конференција.

Османи рече дека посетата на министрите ја смета како силна и принципиелна поддршка за Северна Македонија и нејзината европска перспектива.

Според него, Северна Македонија и нејзините граѓани се недвосмислено посветени на членството во Унијата.

„Земјата создаде европски модел на мултиетничка функционална демократија. Покажа европска култура за дијалог и компромис, истрајност во исполнувањето на критериумите“, нагласи Османи.

„Денес повторно се наоѓаме на крстопат. Од една страна започнати преговори, успешно спроведен скрининг и на неколку месеци пред отворањето на кластерите и поглавјата. Но првпат нам ни е даден клучот сами да ги отклучиме поглавјата и кластерите и успешно да го продолжиме процесот на преговори“, рече тој, додавајќи дека од друга страна се соочуваат со отпор наметнат од дел од претставниците на опозицијата.

Според него, уставната измена што како обврска ја презеле да ја имплементираат, ни малку не ја менува суштината на уставното уредување и затоа, рече тој, можеби зборот измена е погрешен и треба да се користи дополнување.

Тој истакна дека Северна Македонија не треба да дозволи да биде издвоена и да влезе во групата земји кандидати или потенцијални кандидати што имаат отворени прашања и за кои нема да има брз пат до членство во ЕУ.

„Напротив, ќе направиме историска грешка ако не останеме на сегашната патека на која многу тешко се вративме по долги години чекање“, додаде тој.

Османи информира дека во наредните недели уставните измени ќе бидат пред пратениците во Собранието за гласање.

Шаленберг, од своја страна, рече дека Северна Македонија е еден од најблиските и најсигурните партнери за ЕУ.

„Ние не сме тука во билатерална мисија. Тука сме со многу јасна порака, многу јасен мандат од високиот претставник на ЕУ, Џозеф Борел. Ова е многу силен сигнал. Секој ден заедно не патуваат тројца министри од ЕУ“, рече тој.

Нивната порака, рече тој, е моќна и едноставна“, а нивната посета е порака за охрабрување и дека нема време за губење.

„Одложувањето на промените едноставно ќе го одложи напредокот на Северна Македонија. Очигледно, одлуката е ваша и само ваша. Но би било штета ако Скопје, откако успешно истрча навистина напорен маратон, сега да се сопне на последните метри“, рече австрискиот министер.

Шаленберг силно апелираше до сите што имаат политички одговорности во Северна Македонија да ја остават настрана партиската политика и да ги стават националните интереси на прво место, додавајќи дека не се мешаат во внатрешните работи на земјата.

Според него, руската агресија во Украина драстично ја промени целата геостратегиска средина и претставува голема безбедносна закана за Западен Балкан, нагласувајќи дека „најдобрата контрастратегија е јасното закотвување на Северна Македонија, всушност на која било земја од регионот во рамките на европското семејство“.

Тој упати порака до Бугарија, нагласувајќи: „Ова е моментот да се дејствува и да се размислува стратегиски, не само Северна Македонија. Овде има и јасна порака за бугарските пријатели. Одете подалеку од билатералните прашања, внатрешните прашања и земете го геостратегискиот пристап во овој момент.“

Липавски истакна дека се во Скопје за да ја изразат својата поддршка за Северна Македонија и да ги охрабрат сите политички актери да ги преземат сите неопходни чекори за влез во ЕУ.

„Ние веќе ја сметаме Северна Македонија како дел од европското семејство и процесот мора да биде завршен. Исто така, сакам да напоменам дека секој ден го докажувате својот европски пат. На пример, со исполнувањето на усогласувањето со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, вклучително и санкции против Русија“, нагласи тој.

Влаховски изјави дека нивната мисија се заснова врз признавањето од целата ЕУ дека Северна Македонија е добро подготвена за да ги спроведе успешно преговорите за членство.

„Ова најдобро е документирано со досегашниот ефективен скрининг процес што ќе биде завршен до ноември оваа година“, рече тој, додавајќи дека земјата сега треба да работи да стане локомотива на процесот и позитивен пример што треба да се следи во регионот.

Влаховски истакна дека членството на Северна Македонија во НАТО се покажало како успешна приказна.

„Северна Македонија сега е цврст и вреден сојузник, кој поминува тежок тест во турбулентните времиња на руската агресија против Украина“, додаде Влаховски.

Министрите ќе бидат примени и од претседателот на државата, Стево Пендаровски, и од претседателот на Собранието, Талат Џафери, а ќе остварат средби и со претставници на политичките партии и пратеници.

По средбите министрите ќе одржат заедничка прес-конференција во Домот на Европа во Скопје.