– Неформален состанок на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО ќе започне денес во главниот град на Норвешка, Осло.
Со дводневниот состанок ќе претседава генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг.
Состанокот во Осло ќе започне со прес-конференција во 14:30 часот по локално време.
На врвот на агендата на состанокот ќе бидат тензиите во Косово и поддршката за Украина. Според Столтенберг, Алијансата исто така ќе се подготвува и за Самитот на НАТО во Литванија што ќе се одржи од 11 до 12 јули.
Приемот на Шведска во НАТО по Финска, исто така, ќе биде еден од приоритетите на состанокот.
Овој состанок ќе го одбележи второто учество на Финска како земја членка на состаноците на НАТО.
Вчера Столтенберг повика на прекин на тензиите на Косово, каде при судир на демонстрантите и полицијата беа повредени најмалку 30 војници на НАТО.
Тој најави распоредување на дополнителни 700 НАТО-војници на Косово поради тековните тензии, додавајќи дека Алијансата ќе стави во зголемена готовност баталјон од резервните сили за да може да биде распореден доколку има потреба.
Во врска со кандидатурата на Шведска за членство во НАТО, Столтенберг рече дека таквата одлука е „апсолутно можна“ пред самитот во Литванија, нагласувајќи дека шест недели се доволно долг период за да се реализира членството.
Столтенберг, исто така, на Твитер напиша: „Во близок контакт сум со турските власти за Шведска да се придружи што е можно поскоро.“
Шведска минатиот ноември усвои антитерористички закон, надевајќи се дека Анкара ќе ја одобри кандидатурата на Стокхолм за членство во НАТО. Новиот закон, што стапува на сила на 1 јуни, ќе им овозможи на шведските власти да ги процесуираат поединците кои поддржуваат терористички организации.