Соочен со можното враќање на Доналд Трамп на власт во САД, шефот на најголемата политичка групација во ЕУ ги повикува Европејците да се подготват за војна без поддршка од САД и да изградат сопствен систем за нуклеарна одбрана.
Станува збор за Манфред Вебер, шеф на Европската народна партија (ЕПП), која е централнодесничарска партија и во моментов се предвидува дека ќе биде прва на изборите за Европскиот парламент во јуни.
Политико наведува дека тој ги опишал Трамп и рускиот претседател Владимир Путин како „двајцата што ја поставиле рамката за 2024 година“.
– Ние сакаме НАТО, но мораме и да бидеме доволно силни за да можеме да се браниме без него или во времето на Трамп. Без разлика кој ќе биде избран во Америка, Европа мора да може да биде независна во однос на надворешната политика и да може да се брани независно од другите – рече Вебер во телефонско интервју за една бриселска веб-страница на враќање од патување со воз во Киев.
НАТО во моментов многу се потпира на американските нуклеарни боеви глави, кои се распоредени во шест воени воздушни бази во Белгија, Германија, Италија, Холандија и Турција.
– Европа мора да изгради сопствена одбрана, мора да можеме да одбиеме потенцијален напад и да се одбраниме. Сите знаеме дека нуклеарната опција е навистина одлучувачка кога ќе дојде притисокот – рече германскиот конзервативец.