Шимпанзата гестикулираат и разговараат слично на луѓето

Шимпанзата комуницираат преку гестови. И најизненадувачки е што нивните разговори имаат ист ритам и паузи како нашите. Ако се занемари малиот детаљ дека шимпанзата не користат зборови, може да се каже дури дека нивните ‘разговори’ се мошне слични на оние нашите, на луѓето.

Ова е заклучокот на студијата објавена во Current Biology која врши длабинска анализа на комуникацијата во пет различни заедници на шимпанзата. Студијата се фокусира на нивната употреба на гестови, но исто така и на паузите и на „обраќањата“ што две индивидуи ги почитуваат кога разговораат – карактеристика што ја има и човечкиот разговор, дури и со многу слично темпо.

Студијата се фокусира на околу 250 шимпанза поделени во пет различни заедници, кои сите живеат во Источна Африка. Тимот од Универзитетот Сент Ендруз, во Англија, снимил повеќе од 8500 гестови размени помеѓу поединци и ја анализирал нивната структура. Резултатите велат дека повеќето од гестовите што ги прават шимпанзата се, така да се каже, „сингл“ – тие претставуваат сигнал што ѝ се дава на друга единка и кој не предвидува одговор.

14% од анализираните интеракции, сепак, биле карактеризирани со реципроцитет: една од единките прави гест, другата одговара. Во повеќето случаи размената е едноставна, но биле снимени и разговори со повеќе размени, во кои „говорникот“ се менувал до седум пати.

Oна што е навистина интересно е темпото со кое шимпанзата ги водат овие разговори. Кај луѓето, времето на одговор (односно„смена на обраќање“) за време на разговорот е во просек 200 милисекунди; кај шимпанзата тоа е спуштено на 120 милисекунди, што значи дека нивните разговори во просек се побрзи од оние што ги имаме ние луѓето.

Интересен е и фактот што зборуваме за просечни времиња: различните заедници покажале специфични карактеристики во оваа смисла. На пример, заедницата Сонсо, која живее во Уганда, е онаа во која одговорите пристигнувале најбавно. Според авторите на студијата, истата ситуација се среќава и кај луѓето. Така, на пример, најдолги паузи при разговорот се забележани кај Данците. Според тоа, наизменичното зборување и обраќање не е специфично само за човекот. По ова тимот сака да навлезе подлабоко во темата, обидувајќи се да открие кога, како и зошто настанале овие структури на разговорот.