Шкотска во петокот ги претстави плановите за декриминализирање на поседувањето на сите видови дроги за лична употреба, велејќи дека тоа би можело да и помогне да ја намали највисоката стапка на смртност поврзана со дрога во Европа.
Од регионалната Влада во Единбург велат дека мерката треба да ја спроведе британската Влада во Лондон, која според политичкиот систем одлучува за прашања како регулација на лековите.
Шкотска верува дека овој потег ќе им овозможи на зависниците да не се гледа како на криминалци, туку како на луѓе на кои им е потребна помош, вклучително и наоѓање работа.
„Знаеме дека овие предлози ќе предизвикаат дебата, но тие се во согласност со нашето разбирање за јавното здравје и нашата национална мисија да спасиме животи“, изјави шкотската министерка за политика за дроги, Елена Витам.
Портпаролот на премиерот на Велика Британија, Риши Сунак, ја отфрли можноста, велејќи: „Немаме планови да го промениме нашиот цврст став кон дрогата“.
Владејачката Шкотска национална партија, која се залага за независност на Шкотска, веќе влезе во судир со британската Влада откако предложи реформа на родовите закони.
Со 327 смртни случаи на милион жители, Шкотска има највисока стапка на смртност поврзана со дрога во Европа во 2020 година, зад Норвешката 85, покажува официјалната статистика.
И додека наркотиците се нелегални во повеќето држави, некои земји декриминализираа различни форми на лична употреба, бидејќи експертите веруваат дека е подобро зависниците да се третираат како пациенти, а не како криминалци.