– Македонскиот претставник во Конференциската лига Шкупи објави вечерва дека нема да организира навивачкиот карван на реваншот во Софија против Левски и воедно ги повика своите приврзаници во никој случај да не патуваат самоиницијативно в четврток на дуелот во Бугарија.
Одлуката, како што е соопштено доаѓа по денешниот состанок во Скопје меѓу претставници на македонското Министерство за внатрешни работи, УЕФА и клубот Шкупи.
„На состанокот беше потврдено дека нема да биде дозволено присуство на наши навивачи. Ниту еден навивач од нашата држава нема да може да влезе на стадионот, дури и да има билет за натпреварот“, се наведува во клупското соопштение.
Македонскиот клуб посочи дека за оваа одлука се известени и водачите на навивачката група „Шверцери“.
„Нема да биде определен простор за гостински навивачи и секој што ќе сака да влезе на натпреварот, ќе мора да приложи документ за идентификација. Оваа информација ја споделивме и со навивачката група „Шверцери“, кои се свесни дека патувањето во Софија е невозможно. Шкупи апелира никој да не патува во Бугарија на натпреварот против Левски од Софија“, соопшти Шкупи.
Одлуката да се игра без гостински навивачи на реваншот меѓу Левски и Шкупи во рамки на второто коло во Конференциската лига доаѓа по инцидентите што се случија на првиот натпревар во Скопје на кој допатуваа околу 900 навивачи на бугарскиот клуб.
Македонската полиција приведе 21 лице, од кои 19 бугарски навивачи, за нарушување на јавниот ред и мир, а еден навивач на Левски беше прободен со нож во инцидент во Чаир.
Повредениот бугарски државјанин сè уште е хоспитализиран во Скопје и е надвор од животна опасност.