Соседите од зградата во која живее Коста К. (13 г.), момчето кое вчера уби осум училишни другари и чуварот на училишната зграда, а повреди шест ученици и наставничка по историја, се уште се во голем шок и немаат сила да ја коментираат вчерашната огромна трагедија, пишува српскиот весник Blic.rs.
Како што кажал еден сосед за споменатиот српски весник, таткото на момчето секогаш бил таму за сите во зградата кога им била потребна помош – како доктор, но и како сосед. Исто така, момчето често им помагало, носејќи им храна на соседите. Но, она што сите ги изненадува е тоа што таткото на момчето имал толку многу оружје во станот.
„Кога полицијата ги вадеше работите од станот, велат дека било пронајдено повеќе оружје. Во 2016 година таткото на момчето поднело барање за оружје и претпоставувам дека од тогаш почнал да го собира, којзнае што му паднало на памет“, вели анонимниот сосед за весникот.
За Коста, соседите зборуваат дека бил повлечен и срамежлив тип, кој не се гледал со своите пријатели.
„Секогаш со нив имаше само жена која ги чуваше, искрено никогаш не го видов со друштво. Но, знам дека ноќта пред трагедијата бил на роденден со својот клас, оние што ги застрела! Таму имало и една девојка што му се допаѓала а тој ја застрела…“, раскажала една шокирана соседка за весникот.
Додека продолжиле да раскажуваат и да зборуваат, кажале за неговиот татко она што го знаеле – дека неговите роднини се успешни спортисти и писатели и дека тој е почитуван доктор. Сепак, никој од соседите не знаел дека оди на стрелиште.
„Толку пати разговаравме и се видовме. Никогаш не спомна дека има пиштол, ниту дека оди на стрелиште. Не знам ни дали сега ќе сноси одговорност, Коста ќе треба да излезе, што да правиме ако го видиме овде… Сигурно некое семејство ќе сака да се одмазди“, кажал друг сосед.
Како што велат во интервју за Blic.rs, сметаат дека семејството ќе мора да се исели од местото каде што живеат.
Според информациите таткото и мајката на момчето наводно работат во здравството и се познати како воспитани и љубезни луѓе.
Како што велат соседите, најмалото дете, девојче, сестра на Коста сега е некаде со мајка си.
„Никогаш немаше проблем со нив, освен што таткото протестираше кога требаше да се отвори ‘Православниот центар’ во зградата, беше отворен на истиот кат каде што се тие, а зависниците одат таму на советување. Тој се побуни и протестираше дури и пред патријархот. Се плашеше какви луѓе ќе влезат во зградата, бидејќи е советувалиште за зависници од алкохол и дрога“, кажал еден сосед.
Да потсетиме, синоќа илјадници граѓани ширум Србија им оддадоа почит на убиените деца и на училишниот чувар.