Најниската минимална плата во Европската унија е забележана во јануари во Бугарија и изнесува 551 евро, додека највисоката во Луксембург е 2.638 евра, покажа денеска објавеното истражување на Евростат. Минималната плата на национално ниво е законски одредена во 22 од 27 земји на Европската унија, додека Данска, Италија, Австрија, Финска и Шведска немаат законски утврдена минимална плата.
Според податоците за јануари, во 10 земји од ЕУ минималната плата е помала од 1.000 евра месечно.
Покрај Бугарија, тоа се Унгарија со 707 евра, Летонија со 740 евра, Романија со 814 евра, Словачка со 816 евра, Чешка со 826 евра, Естонија со 886 евра, Малта со 961 евро, Грција со 968 евра и Хрватска со 970 евра.
Во следната категорија, каде минималните плати се меѓу 1.000 и 1.500 евра месечно, се Кипар со 1.000 евра, Португалија со 1.015 евра, Литванија со 1.038 евра, Полска со 1.091 евро, Словенија со 1.278 евра и Шпанија со 1.381 евра.
Земји со минимална плата повисока од 1.500 евра месечно се Франција со 1.802 евра, Белгија со 2.070 евра, Германија со 2.161 евро, Холандија со 2.193 евра, Ирска со 2.282 евра и споменатиот Луксембург.
Податоците покажуваат дека највисоката минимална плата во земјите на ЕУ била 4,8 пати повисока од најниската.
Разликите во минималните плати меѓу земјите од ЕУ се значително помали ако се земат предвид разликите во нивото на цените во споменатите земји, се наведува на веб-страницата на Евростат, пренесува Танјуг.
Ако ја користиме вештачката валутна единица PPS, која ги елиминира разликите во општите нивоа на цени во земјите на ЕУ, заклучуваме дека минималните плати се движеле од 878 PPS месечно во Естонија до 1.992 PPS во Германија, што значи дека највисоката минимална плата во земјите на ЕУ е 2,3 пати повисока од најниската.