Илјадници Ерменци во Нагорно Карабах се собраа денеска на аеродромот, каде што се стационирани дел од руските мировни сили, откако ерменската сепаратистичка република се согласи на прекин на огнот со Азербејџан.
Властите на Република Арцах, како што Ерменците го нарекуваат Нагорно-Карабах, ги повикаа околу 120.000 жители да не брзаат кон аеродромот во главниот град.
„Уште еднаш го повикуваме населението на Степанакерт да не паничи и самоиницијативно да не оди на аеродромот за да се евакуира“, порачаа сепаратистите.
На аеродромот има илјадници луѓе, некои со мали деца, покажуваат фотографиите од Нагорно Карабах.
Сепаратистичките лидери постојано го обвинуваат Азербејџан дека сака етничко чистење на Нагорно Карабах. Баку ги отфрла таквите обвинувања и вели дека ќе ги заштити правата на етничките Ерменци во областа според сопствениот устав.
Ерменците, кои се христијани, тврдат дека имаат долга историска доминација во областа, која датира од неколку векови пред нашата ера.
Азербејџан, чии жители се претежно муслимани, го врзува својот историски идентитет со таа територија и ги обвинува Ерменците за протерување на азербејџанското население кое живеело во близина во 1990-тите.
Баку сака да има целосна контрола врз регионот, кој е меѓународно признат како дел од Азербејџан.
Според договорот за прекин на огнот, ерменските претставници во Карабах треба да одржат состанок со азербејџанските власти во четврток.
Русија објави дека нејзините мировни сили го вршат својот дел. Москва соопшти дека има 2.261 лице, вклучувајќи 1.049 деца, во базниот камп на мировните сили.