Основачот на платеничката група Вагнер, Евгениј Пригожин, предупреди дека руските елити мора итно да станат сериозни бидејќи во спротивно ќе ја изгубат војната во Украина и ќе ризикуваат да избувне голема револуција во Русија.
Во интервју објавено на неговиот канал на социјалната мрежа Телеграм, тој вели дека Украинците ќе се обидат да го опколат Бахмут и да го нападнат полуостровот Крим.
„Најверојатно ќе се случи многу неповолно сценарио за Русија, па мораме да се подготвиме за тешка војна“, рекол т.н. „готвач на Путин“.
„Ние сме во таква состојба што може да ја изгубиме Русија – тоа е главниот проблем. Мораме да воведеме воена состојба“, – тврди тој.
Евгениј Пригожин, исто така, вели дека неговите политички ставови се обликувани од неговата љубов кон Русија и неговата желба да му служи на Владимир Путин.
Но, тој исто така вели дека руските елити ги штитат своите деца од војната во Украина, додека децата на обичните луѓе умираат на бојното поле – ситуација која може да предизвика немири во Русија.
„Ако децата на обичните граѓани продолжат да се враќаат во ковчези, а децата на елитата продолжат да се сончаат во странство, во Русија би можеле да избијат немири слични на оние што ја предизвикаа револуцијата во 1917 година, што резултираше со граѓанска војна“, тврди тој.
„Во меѓувреме, Украина се подготвува за контраофанзива и тие сакаат да ги турнат Русите до границите од пред 2014 година, кога Русија го анектираше Крим“, објаснува Евгениј Пригожин.
Групата Вагнер жестоко се бори во Бахмут. Евгениј Пригожин претходно се закани дека ќе ги повлече своите сили од тој град и ја обвини руската воена команда дека не ги снабдувала неговите борци со доволно муниција.