На Барселона и се закануваат нови големи проблеми. Познато е дека каталонскиот клуб со години е во финансиски потешкотии, а можно е овојпат ваквиот начин на водење бизнис да резултира со нешто построга казна.
Според угледниот германски весник Die Welt, на Барселона и се заканува исфрлање од Лигата на шампионите. Причина за санкцијата е кршење на финансиските прописи на УЕФА, според кои клубовите се обврзани да ги надоместат трошоците во тригодишен циклус, според кој се проценуваат финансиите на клубот.
Извори од УЕФА и каталонскиот клуб за Die Welt велат дека билансите на клубот се во „хаос“. Во септември Барселона објави нето добивка од 304 милиони евра, а се пишува дека за можната казна за клубот се зборувало повеќе од една година. Донесен е заклучок според кој забраната за настап во Лигата на шампионите ќе се однесува на период од „две до три години“, а изворот за Die Welt ја спомена и изјавата: „Колку поголема загуба, толку поголема казна“.
УЕФА веќе летото ја казни Барселона со 500.000 евра. Комората за финансиска контрола на здружението тогаш заклучи дека клубот погрешно ја пријавил добивката од продажбата на нематеријалните средства кои не претставуваат релевантен приход. Доколку навистина се конкретизираат наводите, се очекува исклучувањето од најелитното фудбалско клупско натпреварување да започне од сезоната 2024/2025.