Познат руски бизнисмен поврзан со безбедносните служби е пронајден мртов во Москва.
Телото на Антон Черепеников (40 г.) е пронајдено во неговата канцеларија во главниот град на Русија. Локалните медиуми јавуваат дека бизнисменот починал од „срцев удар“.
Антон Черепеников беше на чело на најголемата ИТ компанија во Русија, ICS Holding, која беше користена од Федерална служба за безбедност на Русија за следење на он-лајн активностите на граѓаните, пишуваат руските медиуми.
Таа, наводно, им дозволувала на телекомуникациските оператори да складираат аудио снимки од сите повици и текстуални пораки шест месеци, а од интернет сообраќајот еден месец. ICS Holding се соочи со меѓународни санкции по руската инвазија на Украина.
Василиј Полонски, долгогодишен пријател на починатиот бизнисмен, сепак, веднаш изразил сомневање за причината за смртта.
„Не верувам дека починал од срцев удар. Точната причина за смртта ќе се утврди подоцна“, изјавил Василиј Полонски.
Британскиот весник The Mirror пишува дека Антон Черепеников е вториот бизнисмен близок до власта кој е пронајден мртов во претходните 48 часа. Ден претходно беше објавено дека олигархот Игор Кудрјаков, поранешен владин функционер и богат бизнисмен, исто така бил пронајден мртов во неговиот стан во Москва.
Еден извор од опозицијата вели дека Антон Черепеников е „апсолутно клучна алатка“ во режимот на Владимир Путин.
„Убиството не може да се исклучи бидејќи безбедносниот апарат станува очаен поради неуспешната војна“, рекол неименуваниот извор.
Неговиот успех во работењето на владиниот електронски сектор значеше профит од 172 милиони фунти. Антон Черепеников, наводно, бил близок со Алишер Усманов, про-Кремљ олигарх и поранешен акционер на лондонскиот фудбалски клуб Арсенал.
Студирал на престижниот московски државен технички Универзитет „Бауман“ и московскиот државен Универзитет за градежништво.
Антон Черепеников е под американски санкции од февруари оваа година.