Аргентинскиот фудбалски гигант Бока Јуниорс објави дека нивниот тренер Мигел Анхел Русо ненадејно починал.
Русо почина ненадејно на 69-годишна возраст, само три месеци откако стана тренер на Бока Јуниорс по трет пат. Тој ја водеше Бока во два претходни наврати, во 2007 година, кога го освоија Копа Либертадорес, и од 2020 до 2021 година, кога освоија едно првенство на Аргентина.
На Русо му беше дијагностициран рак на простата во 2017 година, но по две успешни операции, тој ја продолжи тренерската кариера и седна на клупата на Бока во јуни оваа година.
Во 13 натпревари, тој оствари 3 победи, 7 нерешени резултати и 3 порази, а пред десет дена клубот објави дека Русо е хоспитализиран.
Со оглед на тоа што дури и за време на неговиот трет мандат на клупата на Бока, Русо секој ден прв пристигнуваше, а последен си заминуваше од работа и генерално беше во одлична здравствена состојба, никој не очекуваше дека клубот денес ќе ја објави тажната вест.
Русо целата своја играчка кариера од 1975 до 1988 година ја помина во дресот на Естудијантес од Ла Плата, за кој одигра повеќе од 400 натпревари.
Тој беше солиден, сигурен заден играч од средниот ред, познат по својата дисциплина и лидерство на теренот.
Тој играше 17 пати за аргентинската репрезентација, а поради повреда го пропушти Светското првенство во 1986 година, кое „гаучосите“ го освоија.
Голем број навивачи на Бока се собраа околу стадионот, запалија свеќи и положија венци веднаш по објавувањето на веста за смртта на Русо.