Соединетите држави и Велика Британија ја прашаа Италија дали сака да учествува во нападот врз Хутите, но Рим одби, според Ројтерс, цитирајќи владин извор.
– Италија одби да учествува во ноќните напади на САД и Велика Британија против групата Хути во Јемен – рекол изворот на агенцијата, додавајќи дека Рим претпочита да води „смирувачка политика“ во Црвеното Море.
Вицепремиерот и министер за надворешни работи Антонио Тајани потврди дека Соединетите Американски Држави ја информирале Италија неколку часа претходно за нападите врз шиитското движење Хути кое владее во северниот и централниот дел на Јемен.
– Бевме информирани за нападите неколку часа однапред, но не можеме, бидејќи Уставот не дозволува, да испратиме војници и да учествуваме во воени операции без дискусија во парламентот – рече Тајани, цитиран од весникот „Ил Соле 24 Оре“.
Америка и Англија, да потсетиме, во текот на ноќта започнаа воздушни напади врз позициите на Хутите во Јемен!
Воздухопловните сили на САД погодија повеќе од 60 цели користејќи повеќе од 100 прецизно наведувани оружја од различни видови. Нападнати се командни пунктови и контролни центри, магацини за муниција, производствени капацитети, радари…
Мета беа главниот град Сана, крајбрежниот град Ал Худајда, Таиз и Сада.