Коронавирусот, кој се прошири низ светот пред пет години и го доведе животот во застој во многу земји, потекнува од лабораторија во градот Вухан, Кина, според германската разузнавачка служба (БНД).
„БНД има јасни докази дека вирусот Сарс-КоВ-2 потекнува од Институтот за вирологија во Вухан“, објавија тамошните медиуми.
Според овие наводи, германската разузнавачка служба уште во 2020 година имала докази дека коронавирусот се проширил низ градот, а подоцна и низ светот поради „лабораториска несреќа“.
Овој заклучок е донесен по анализата на податоците кои стигнале до германските власти како дел од разузнавачката операција со кодно име Саарема.
Меркел и Шолц спречија објавување на податоци
Резултатите од истражувањето на БНД ги знаела и тогашната германска канцеларка Ангела Меркел, која, според пишувањата на медиумите, го спречила објавувањето на овие податоци. Нејзиниот наследник Олаф Шолц го направи истото.
Портпаролката на германската влада денеска одби да ги коментира тврдењата на медиумите, велејќи дека владата јавно не ја коментира работата на тајните служби.
Експерти: Недостасува последниот доказ
Канцеларијата на германската канцеларка ги даде податоците што ги поседува БНД на група научници за експертска анализа.
Иако официјалните резултати од вештачењето не се објавени, научниците наводно се уште се поделени околу теоријата за потеклото на вирусот.
Експертите велат дека нема „конечен доказ“ дека вирусот потекнува од лабораторија. Добар дел од нив веруваат дека вирусот се пренесувал од животни на луѓе на фарми.
„Кинеските научници имаат механизми да обезбедат докази дека вирусот навистина потекнува од природно потекло, но досега немаат објавено ниту една студија што би го докажувала тоа“, рече еден од најпознатите германски виролози, Кристијан Дростен, коментирајќи ги најновите медиумски наслови.