Германскиот канцелар Олаф Шолц вчера во Вашингтон го повика американскиот Конгрес да ја деблокира финансиската помош за Украина.
„Би било добро помошта да биде достапна многу брзо, бидејќи без американскиот придонес, ситуацијата во Украина би била многу, многу комплицирана“, изјави Шолц за новинарите пред средбата во Белата куќа со претседателот Џозеф Бајден.
Шолц ја нагласува итноста за зголемување на воената помош за Украина, во услови на конфликт околу гласањето за новиот пакет помош за Украина во Конгресот.
„На Украина и’ е потребна сета наша поддршка за да може да се одбрани од руската агресија“, рече Шолц.
Посетата на Шолц, негова трета откако ја презеде функцијата во декември 2021 година, доаѓа додека Бајден води кампања за втор мандат, а Конгресот со месеци преговараше за текст кој вклучува околу 60 милијарди долари воена помош за Украина.
Деблокирањето на помошта е неизвесно бидејќи некои претставници на Конгресот блиски до поранешниот републикански претседател Доналд Трамп одбиваат да ја одобрат помошта.
Европската унија неодамна објави дека ќе деблокира 50 милијарди евра помош за помош на Украина до 2027 година.
Според германски извори, Шолц и Бајден ќе разговараат и за стравувањата од разгорување на конфликтот на Блискиот исток по четиримесечната војна меѓу Израел и Хамас.