Германскиот канцелар Олаф Шолц смета дека е важно разговорите секогаш да се вратат на вистинската тема – како светот да излезе од оваа ужасна ситуација.
Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека сака да ги продолжи директните разговори со рускиот претседател Владимир Путин за ставање крај на војната во Украина.
„Повторно ќе разговарам со Путин бидејќи мораме да разговараме едни со други“, рече Шолц за берлинскиот весник „Тагешпигел“ во интервјуто објавено денес.
Како што наведе во интервјуто, на Путин е да ги повлече трупите од Украина и да стави крај на оваа страшна, бесмислена војна во која животот го загубија стотици илјади лица.
Иако во претходниот телефонски разговор со Путин „не биле непристојни по тонот“, рускиот лидер секогаш одново јасно ставал до знаење дека сака „насилно да ги инкорпорира деловите на соседната земја“ што е „неприфатливо“, вели германскиот канцелар во интервјуто.
„Понекогаш се поставуваат и конкретни прашања за размена на заробеници, извоз на жито од Украина и за нуклеарната електрана Запорожје“, наведува Шолц.
Меѓутоа, тој смета дека е важно разговорите секогаш да се вратат на вистинската тема – како светот да излезе од оваа ужасна ситуација.
„Предусловот за тоа е јасен, а тоа е повлекување на руските трупи“, вели Шолц.
Тој повторно предупреди дека не треба НАТО да се вовлекува во војна со Москва.
„Германскиот канцелар кој сериозно ќе ја прифати својата заклетва, мора да стори сѐ војната на Русија против Украина да не се претвори во војна меѓу Русија и НАТО“, нагласи Шолц, додавајќи дека нема да „дозволи таква ескалација“.
Шолц притоа мислеше на коментарите на германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок, која оваа недела предизвика мешаница, изјавувајќи дека Германија „веќе е во војна со Русија“.