– Долниот дом на шпанскиот Парламент денеска ги усвои измените на спорниот закон за сексуално насилство со кој повторно се воведува разлика меѓу сексуалните злосторства, во зависност од тоа дали има докази за физичко насилство, при одредувањето на минималните затворски казни.
Законот, познат како „Само да е да“, беше одобрен во август минатата година и беше најавен како пресвртница за правата на жените, бидејќи се фокусира на концептот на согласност.
Законот предвидува преквалификација на случаите на сексуална злоупотреба, во кои жртвите не се спротивставиле од страв, во посериозно кривично дело, меѓутоа, стотици осудени силувачи ја искористија дупката во законот, поради што излегле на слобода или им е намалена затворската казна.
До тоа дошло со спојување на некогаш различните кривични дела на сексуално злоставување и агресија при одредувањето на минималната затворска казна.
Шпанскиот премиер Педро Санчез им се извини на жртвите на сексуално злоставување поради, како што рече, несаканите ефекти на законот и вети дека тоа ќе го поправи.