– Шпанија ќе прати втора серија тенкови „Леопард“ во Украина заедно со друго оружје, соопшти вчера шпанската министерка за одбрана Маргарита Роблес.
За време на состанокот на Контакт групата за одбрана на Украина на кој присуствуваа претставници на Министерството за одбрана на САД, Украина и други држави, министерката за одбрана Маргарита Роблес ја повика меѓународната заедница да продолжи да го поддржува Киев.
Роблес рече дека со оглед на „критичната ситуација“ со која сега се соочува Украина, „колективна обврска е да продолжиме да даваме уште поитна поддршка што ѝ е потребна на Украина и која ја заслужува“, се наведува во соопштението на шпанското Министерство за одбрана.
Освен тенковите „Леопард“, Роблес најави и воен пакет што вклучува артилериска муниција со калибар од 155 милиметри, противвоздушни ракети „Патриот“, системи против беспилотни летала и оптички системи за надзор и следење.
Министерството за одбрана на Украина преку платформата X ѝ се заблагодари на Шпанија за помошта.
Вчера, Холандија, исто така, објави дека на Украина ќе ѝ испорача оклопни возила YPR-765, наведе Министерството за одбрана на Украина.
Најавите за помош доаѓаат додека Украина се обидува да се избори со руската офанзива на североистокот на земјата.
Минатата недела украинскиот претседател Владимир Зеленски ги одложи меѓународните патувања, вклучително и патувањето во Шпанија, за да ги следи внимателно борбите во регионот Харков.