Шпанија ќе доставува храна до Палестинците со авион: Гладот во Газа е срам за целото човештво

Премиерот на Шпанија, Педро Санчез, објави дека неговата земја ќе исфрли од воздух 12 тони хуманитарна помош во Појасот Газа, каде што владее глад поради израелската блокада, а десетици деца починаа поради недостаток на храна.

Операцијата е редок пример за тоа како европска нација им се придружува на земјите од Блискиот Исток во испраќање помош по воздушен пат.

Шпанскиот премиер Педро Санчез, еден од најжестоките критичари на израелската воена офанзива во Газа, на прес-конференција изјави дека испораката ќе биде извршена од Јордан во петок со авиони на шпанските воздухопловни сили.

„Гладот во Газа е срам за целото човештво и затоа неговото запирање е морален императив“, рече Санчез.

Министерството за одбрана соопшти дека 12 тони ќе бидат доставени во операција слична на онаа спроведена во март 2024 година, кога Шпанија испорача 26 тони храна во Газа.