Нови 24 механички болнички кревети денеска доби Детското одделение при Клиничка болница Штип. Станува збор за донација од Чешка, а со ова се подобруваат условите за лекување на децата, но и подобри услови и за родителите.
Министерот за здравство, Фатмир Меџити при посетата на штипската Клиничка болница истакна дека со ваквата донација се подобруваат условите за работа на ова одделение.
-Ова е значаен придонес кој во голема мера ќе го подобри квалитетот на грижата за нашите најмали. Донацијата на овие механички кревети и душеци ќе обезбеди удобно и безбедно згрижување на нашите млади пациенти, да се опорават и заздрават побрзо од нивните болести и повреди, вели Меџити.
Соработката меѓу Северна Македонија и Република Чешка продолжува и во иднина, потенцираше чешкиот амбасадор, Јарослав Лудва. Посочи дека чешката развојна соработка преку чешката Амбасада во Скопје, кофинансирана од ИЦС Системи донираше 24 болнички кревети на детската болница во Штип.
Амбасадорот потенцира дека оваа донација ќе помогне да се подобри квалитетот на грижата за младите пациенти во болницата. Донацијата на болнички кревети е дел од тековните напори на Чешката Развојна Соработка за поддршка на здравствениот сектор во Северна Македонија. Оваа иницијатива има за цел да ги подобри условите во здравствените установи низ државата.
Болничките кревети се доставени до детската болница во Штип, а „Промедика“ како водечки снабдувач на медицинска опрема и здравствени услуги во регионот, ќе го обучува персоналот. Обуката имаше за цел да се осигура дека болничкиот персонал може ефективно и безбедно да ги користи креветите, обезбедувајќи им највисок стандард на грижа за децата.
-Возбуден сум што ќе предадам 24 болнички кревети посветени на педијатриското одделение во болницата Штип. Оваа донација е заеднички подарок од граѓаните на Република Чешка и чешката компанија ИЦС Системи. Се надевам дека ќе придонесат за поголема удобност на децата и нивните родители од градот Штип и регионот, рече Лудва.
Директорот на Клиничка болница-Штип, Ален Ѓеорѓијев истакна дека главниот приоритет на болницата е подобар престој на децата, но и на нивните родители. Посочува дека токму затоа се направени сите напори за реконструкција и подобрување на условите на Детското одделение.
-Овие кревети заедно со оние работи кои ние како раководство претходно ги направивме, реконструкција на детското одделение, на тоалетите ќе придонесеме за подобар престој за подигање на квалитетот на Детското одделение при КБ Штип, додаде Ѓеорѓијев.
Претставници од фирмите кои се дел од донацијата истакнаа дека вакавите донации ќе продолжат и во иднина и на секаков начин ќе се помогне за подобри услови за пациентите во болницита. Детското одделение при Клиничка болница-Штип во изминатиот период беше реконструирано, а доби и нов апарат за потребите на пациентите