Индија и Пакистан, две нуклеарни сили кои се во конфликт од синоќа по три војни што веќе ги водеа, имаат на располагање околу 180 нуклеарни боеви глави.
Светот се плаши што би можело да се случи ако конфликтот ескалира до употреба на атомско оружје.
Пред неколку години, научници од американскиот универзитет Рутгерс спроведоа анализа на можните последици од нуклеарна војна меѓу Индија и Пакистан.
Потоа тие предупредија дека таков конфликт би можел да има катастрофални последици не само за тие две земји, туку и за целиот свет.
Тимот истражувачи детално опишува како би можела да започне таква војна, колку човечки жртви би предизвикала и какви би биле пошироките климатски последици.
Десетици милиони мртви!
Проценките велат дека, во зависност од јачината на оружјето – од 15 до 100 килотони – бројот на мртви би можел да достигне помеѓу 50 и 125 милиони луѓе.
Покрај огромниот број на мртви, милиони ранети би имале потреба од итна медицинска помош, додека многу градови во Индија и Пакистан би биле целосно уништени и непогодни за живеење.
Уништената инфраструктура – од електричната мрежа до сообраќајните системи и банкарскиот сектор – дополнително би го парализирала општеството.
Последици за целиот свет
Авторите на анализата, исто така, предупредија дека уништувањето нема да остане локализирано.
Нуклеарните експлозии и пожарите што би следеле би создале огромни количини чад и саѓи што би се искачиле високо во атмосферата.
Тој чад би ја блокирал сончевата светлина и во најлош случај би предизвикал глобално ладење, слично на она што се случило за време на некои од големите вулкански ерупции во историјата.
Овој ефект, познат како „нуклеарна зима“, би резултирал со пад на температурите низ целиот свет, намалени врнежи од дожд и сериозно нарушување на глобалното земјоделство.
Со други зборови, дури и земјите што не се директно погодени од нуклеарни напади би можеле да доживеат глад, економски шокови и политичка нестабилност.
Научниците истакнуваат дека последиците од регионален нуклеарен конфликт би биле долгорочни и планетарни. Таквата војна нема да остане „нивен проблем“ – во свет каде што климата е меѓусебно поврзана, а глобалната трговија е кревка, нуклеарната војна меѓу Индија и Пакистан би можела да предизвика криза каква што човештвото досега не видело.