Северна Кореја користи руска сметка за да се поврзе со меѓународниот банкарски систем и Русија дозволила ослободување милиони долари во замрзнати севернокорејски средства, велат неименувани американски разузнавачи за „Њујорк Тајмс“.
Весникот пишува и дека ова може да е дел од зделка помеѓу рускиот претседател Владимир Путин и неговиот колега Ким Џонг Ун која за возврат ја вклучува обврскта Северна Кореја да ја обезбедува Москва со воена опрема.
Според статијата, оваа „банкарска помош“ на Москва за Пјонјанг дошла по трансферот на оружје од Северна Кореја за Русија што беше фатено на сателитски снимки во декември.
Белата куќа минатиот месец соопшти дека има докази дека Северна Кореја ѝ дала балистички ракети на Русија и дека Северот за возврат бара воен хардвер. Пјонгјанг, исто така, се чини дека испорачал до 2,5 милиони парчиња муниција, според анализата на британскиот безбедносен тинк-тенк.
„Иако не е јасно дали Русија и ја дала на Северна Кореја точно воената технологија што ја посакува, новите банкарски врски би биле уште еден знак за постојан напредок во односите меѓу двете земји. Проширеното партнерство најверојатно ја охрабри Северна Кореја, бидејќи во последниве месеци издаде низа воинствени закани, велат американските власти“, се вели во статијата.
Разузнавачите за „Њујорк Тајмс“ исто така тврдат дека севернокорејска компанија неодамна отворила сметка во друга руска банка и дека ова е доказ дека Москва можеби му помага на Пјонгјанг да ги заобиколи санкциите на Обединетите Нации кои им забрануваат на повеќето банки да работат со Северна Кореја.
„Тие санкции ја задушија економијата на Северна Кореја и во голема мера ја затворија земјата од меѓународните финансиски мрежи“, се потенцира во текстот.
Според овие информации, новата банкарска сметка се наоѓа во Јужна Осетија, самопрогласена независна држава во регионот на Кавказ, која има блиски врски со Русија.
Државните медиуми во Северна Кореја пренесоа дека Путин сигнализирал дека наскоро може да го посети Пјонјанг, а тоа би била прва ваква посета по речиси 25 години.
Банкарските аранжмани би можеле да бидат значајни за Северна Кореја, која се потпира на увоз за да одржи голем дел од нејзината економија. Односите би можеле да ги олеснат трансакциите не само во Русија, туку и надвор од земјата.
Северна Кореја би можела да ги искористи врските на Москва со неколку земји, вклучувајќи ги Турција и Јужна Африка, кои сè уште вршат трговија со Русија, откако таа беше погодена со меѓународни санкции поради војната во Украина.
Американскиот финансиски експерт и поранешен секретар за финансии Хуан Ц. Зарате за „Њујорк Тајмс“ изјавил дека ако Москва ѝ дозволи на Северна Кореја да ги користи руските банки или ги ослободи замрзнатите средства, владата „ќе го премине Рубиконот.
Според него, иако сумата од 9 милиони долари замрзнати средства кои Русија ги замрзнала е релативно мало, за Северна Кореја е добредојден секој алтернативен начин за пристап до капитал.