Откако Турција се откажа од блокадата, се чини дека влезот на Шведска во НАТО е завршена работа. Што очекува западната воена алијанса од тоа членство? А што Шведска?
Шведска, како и Финска, под влијание на руската агресорска војна против Украина, поднесе барање за членство во НАТО минатата година. И додека Финска во меѓувреме стана членка на западната одбранбена алијанса, Турција го користеше правото на вето речиси една година за, како и Унгарија, да ја блокира Шведска, односно нејзиното приклучување кон Северноатлантскиот пакт. Но, на почетокот на оваа недела, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган се откажа од својот повеќемесечен отпор.
Што носи приемот на Шведска географски?
Доколку Шведска стане членка, целиот брег на Балтичкото Море би бил дел од територијата на НАТО, со исклучок на брегот на Русија и нејзината ексклава Калининград. Во случај на руски напад, на пример, балтичките држави полесно би можеле да се одбранат. Единиците и опремата може многу полесно да се пренесат во Естонија, Летонија и Литванија преку Шведска. Шведскиот остров Готланд тука има посебно важна улога.
Проф. Симон Кошут, кој ја држи катедрата за меѓународна безбедносна политика на Универзитетот Цепелин во Фридрихшафен објаснува: „Со Готланд, голем остров сред Балтичкото Море, Шведска на Алијансата и става на располагање многу поволна стратешка база. Од таму можете да го контролирате практично целиот Балтик“.
Кошут укажува дека географската положба на Шведска е главната причина зошто за НАТО е толку атрактивно членството на таа земја.
Што е со шведската армија?
Шведските вооружени сили и нивната воена опрема, исто така, би биле вредна добивка за НАТО. Таа е мала земја и нумерички гледано, нема голема армија (според Global Firepower Index, шведската армија има околу 38.000 војници), но „Швеѓаните имаат многу модерна армија, посебно добро опремено и модерно воздухопловство, со авиони кои сами ги произведуваат“, вели професор Кошут. Тие се исто така поморска сила со нивните подморници и веќе се зацврстени во битката. Тие учествуваа во различни мисии на НАТО, на пример во Авганистан.
Шведска троши околу 1,3 отсто од бруто домашниот производ за одбрана, што е значително повеќе од пред неколку години. Се очекува овој процент да продолжи да расте и во наредните години. По завршувањето на Студената војна, Шведска, како и многу западни земји, значително ги намали трошоците за одбрана. Преиспитувањето започна по грузиската војна во 2008 година, а најдоцна по анексијата на Крим во 2014 година. Тоа дополнително се засили со руската агресорска војна во Украина.
Која главна корист Шведска би имала од НАТО?
Шведска и НАТО веќе тесно соработуваат на многу начини. Одлучувачката промена за Шведска, по влезот во НАТО, се однесува на членот 5 од заедничкиот договор, според кој вооружениот напад врз една земја на НАТО, се смета за напад врз сите. Во тој случај, воената алијанса е должна да пружи помош. „Се разбира, таа заштита е клучна за Шведска“, вели политикологот Кошут.
Покрај тоа, Швеѓаните тогаш би биле рамноправни членки на Советот на НАТО, главното тело за донесување одлуки на одбранбената алијанса, и таму би имале право на вето. Турција досега го користеше тоа право за да го блокира пристапот на оваа скандинавска земја, од што се откажа на Самитот во Вилнус.