Поранешниот премиер на Велика Британија, Борис Џонсон, ја нападна Владата во Лондон поради нејзината политика кон Украина, велејќи дека таа треба итно да обезбеди повеќе оружје што го бара Киев.
Борис Џонсон упати директна порака до властите во Лондон но и Западот:
„Што по ѓаволите чекаме ?“.
Поранешниот премиер, кој воспостави блиски врски со украинскиот претседател Володимир Зеленски по избувнувањето на војната во Украин , ја повика Велика Британија да обезбеди хаубици и крстаречки ракети од типот – Storm Shadow и да обезбеди колку што можеме повеќе помош со беспилотни летала.
Пишувајќи за списанието Spectator, кое некогаш го уредуваше, Борис Џонсон порача дека би можело да биде релативно „низок“ трошок со извонредна потенцијална награда доколку западните земји обезбедат поголема воена поддршка. Тој повика на далеку поголемо чувство на итност во програмата за воена помош.
„Прашав и претходно и ќе прашам повторно: што по ѓаволите чекаме ?“, напиша Борис Џонсон.
Тој вели дека Украинците не сакаат топли зборови, туку оружје за да се заврши работата – и затоа едноставно не разбира зошто постојано се чека.
„Зошто сме секогаш толку бавни ?“ пишува тој и додава: „Како можеме да ги погледнеме овие луѓе во очи и да го објасниме доцнењето ?“.
Борис Џонсон ја упати својата порака не само до Велика Британија, туку и до САД и другите западни земји, како и до „неопределените“ како Индија.
„Ако Владимир Путин победи – и се што треба да направи за да победи е да се задржи барем дел од територијата што ја зазеде од 24. февруари 2022 година – ужасна порака ќе го обиколи светот: дека ова беше моментот кога демократиите ветија дека ќе се спротивстави на автократијата, а ние не успеавме“, пишува тој и додава: „Приказната за Украина ќе биде за украинските војници со лавовско срце, конечно предадени поради губењето на нервите на Западот“.
За потсетување, ниту една западна земја не испрати војници во Украина, но САД обезбедија повеќе од 43 милијарди долари воена помош.
Велика Британија е втор најголем донатор и досега има доделено 4,6 милијарди фунти воена помош за Украина, вклучително и 2,3 милијарди фунти во 2022 година и обврска да ги усогласи тие средства во 2023 година. Исто така е вклучена во програма за обука на 30.000 украински војници до крајот на годината.
Велика Британија обезбедува прецизни проектили со долг дострел и неодамна вети дека ќе ги обучи украинските пилоти, но официјален Лондон соопшти дека засега нема да бидат обезбедени борбени авиони.
Новиот министер за одбрана на Велика Британија, Грант Шапс, на неговото назначување кажа дека со нетрпение очекува да продолжи со поддршката на Велика Британија за Украина во нејзината борба против варварската инвазија на Владимир Путин.